Парабола за алчниот богат човек

И им кажа една парабола и рече: „На некој богат човек нивата му беше родила многу. И тој размислуваше во себе, велејќи: ’Што да правам, бидејќи не­мам во што да ги соберам моите плодови.‘ Па рече – вака ќе направам: ќе ги урнам моите амбари и ќе соѕидам по­го­леми, и таму ќе го соберам сето мое жито и сите мои добра, и ќе ѝ речам на мојата душа: ’Ду­шо, имаш многу добра, насобрани за многу години; успокој се, јади, пиј и ве­сели се!‘
Исус Христос во евангелие според Лука 12:16-19

Но Бог му рече: ’Безумниче, ноќва ќе ти ја побараат твојата душа; тоа што си го приготвил, чие ќе биде?‘ Така се случува со оној што собира богатство за себе, а не се богати во Бо­га.“
Исус Христос во евангелие според Лука 12:20-21

Па им рече на Своите ученици: „За­тоа ви велам: не грижете се за својот живот, што ќе јадете, ниту за телото, што ќе облечете. Зашто душата е поважна од храната, и телото – од облеката.
Исус Христос во евангелие според Лука 12:22-23

Погледнете ги гавраните! Тие ниту сеат, ниту жнеат! И немаат скривница, ниту амбар и Бог ги храни; а колку сте поскапи вие од птиците? А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакт? И така, ако ниту најмалото нешто не можете да го направите, зошто се гри­жите за друго?
Исус Христос во евангелие според Лука 12:24-26

Погледнете ги криновите како растат! Ни се трудат, ниту предат; но ви велам дека ниту Соломон, во целата своја слава, не се облече како еден од нив. Па, ако полската трева, што денеска ја има, а утре во печка се фрла, Бог така ја облекува, тогаш колку ли повеќе ќе ве облече вас, маловерни!?
Исус Христос во евангелие според Лука 12:27-28

Па затоа и вие, не барајте што ќе ја­дете или што ќе пиете; и не се за­гри­жу­вајте! Сето тоа го бараат незнабошците на овој свет; а вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно. Туку барајте го царството Божјо и сѐ ова ќе ви се придаде!
Исус Христос во евангелие според Лука 12:29-31

Не плаши се, мало стадо! Зашто вашиот Отец благоволи да ви го даде царството. Продајте ги вашите имоти и да­вајте милостина! Подгответе си ќесиња што нема да изветват, неисцрпно богатство на небо­то, каде крадец не се прибли­жува и кое молец не го јаде; зашто, каде што е вашето богатство, таму ќе ви биде и срцето.

Исус Христос во евангелие според Лука 12:32-34

Половината нека ви биде пре­па­ша­на и светилата – запалени! А вие бидете подобни на луѓето што го чекаат својот господар да се вра­ти од свадба, за да му отворат веднаш штом ќе дојде и почука. Блажени се оние слуги што господарот ќе ги за­те­че будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, тој ќе се препаша и ќе ги натера да седнат, па ќе пристапи и ќе им служи. А ако дојде и на втора или на трета стража и ги затекне така, блажени се тие слуги! Знајте го и тоа дека, ако домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би останал буден и не би доз­волил да му провалат во куќата. Затоа и вие бидете подготвени, зашто Синот Човечки ќе дојде во часот кога не се надевате!“

Исус Христос во евангелие според Лука 12:35-40

Библија На Македонски
Logo
Shopping cart