1А во она време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители.
2Тоа беше прв попис, кога Квиринеј управуваше во Сирија.
3И сите одеа за да се запишат, секој во својот град.
4Така и Јосиф отиде од Галилеја, од градот Назарет, горе во Јудеја, во Давидовиот Град, кој е наречен Витлеем, зашто беше од Давидовиот дом и семејство,
5да се запише со Марија, свршената со него жена, која беше бремена.
6А кога беа таму – и дојде време да роди.
7И го роди својот Син, првенец, па Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата.
8А во тој ист крај пастири ноќеваа под ведро небо, чувајќи го своето стадо.
9И одеднаш Господов ангел им пристапи и Господовата слава ги осветли, па се уплашија многу.
10Ангелот пак им рече: „Не бојте се, зашто, еве, ви најавувам добра вест, голема радост, која ќе биде за сите народи:
11зашто денес ви се роди Спасител, во Давидовиот град, Кој е Христос Господ.
12И ова ви е знак: ќе најдете Младенче повиено, како лежи во јасли!”
13И одеднаш со ангелот се најде множество небесно воинство, кое Го фалеше Бога, велејќи:
14”Слава на Бога во висините и на земјата мир, во луѓето добра волја!”
15А кога ангелите си отидоа од нив во небото, пастирите си зборуваа еден на друг: „Тогаш, да отидеме до Витлеем и да видиме што се случило таму, за кое ни соопшти Господ!”
16И брзајќи дојдоа и ги најдоа: Марија и Јосифа, и Детенцето како лежи во јаслите.
17А штом видоа, кажаа сè што им беше речено за Детенцето.
18И сите кои чуја, се восхитуваа на она, што пастирите им го рекоа.
19А Марија ги помнеше сите овие зборови и размислуваше за нив во своето срце.
20И пастирите се вратија, славејќи Го и фалејќи Го Бога, за сè што чуја и видоа, онака како што им беше речено. Лука 2:1-20








