Исусовото Воскресение

Исусовото воскресение
Кога измина саботата, на осамнување во првиот ден од седми­ца­та, Марија Магдалина и другата Марија дојдоа да го видат гробот. И ете, настана голем потрес, зашто ангел Господов слезе од небото, пристапи, го отстрани каменот од гробната врата и седна на него. Изгледот му беше како молња, а облеката – бела како снег. А стражарите, уплашени од него, трепереа и беа како мртви. Ангелот им се обрати на жените и им рече: „Не плашете се; знам дека Го барате Исус распнатиот; не е овде, воскресна, како што беше рекол; дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ, па отидете бргу и кажете им на Неговите ученици дека воскресна од мртвите. И ете, оди пред вас во Галилеја; таму ќе Го видите. Ете, ви кажав.“ И излегоа брзо од гробот, со страв и голема радост и отрчаа да им соопштат на Неговите ученици. Кога одеа да ги известат Неговите ученици, ете, Исус ги пресретна, велејќи им: „Радувајте се!“ А тие се приближија, Му ги прегрнаа нозете и паднаа ничкум пред Него. Тогаш Исус им кажа: „Не плашете се; одете и соопштете им на Моите браќа да отидат во Галилеја, и таму ќе Ме видат.“ Кога тие заминуваа, ете, некои од стра­жарите, влегувајќи в град, им кажаа на првосвештениците за сето она што беше станало. И тие, откако се собраа со старе­ши­ните и се посоветуваа, им дадоа многу пари на војниците, велејќи: „Кажете: ’Неговите ученици дојдоа ноќе и Го украдоа додека ние спиевме;‘ и, ако за тоа чуе управникот, ние ќе го убедиме и вас ќе ве ослободиме од грижа.“ А тие ги зедоа парите и направија како што беа научени. И тој глас се пренесува меѓу Јудејците и до денес.

Исус им се јавува на Своите ученици
А единаесеттемина ученици отидоа во Галилеја, на гората, каде што им беше заповедал Исус; па, штом Го видоа, паднаа ничкум пред Него; а некои се посомневаа. А Исус, пристапувајќи им, прого­вори и рече: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. Одете и научете ги сите народи, кр­штевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал. И ете, Јас сум со вас преку сите денови до крајот на светот.“ Амин! Матеј 28

Библија На Македонски
Logo
Shopping cart